Во Македонија нема ден без семејно насилство: Претепани мајка, сопруги, снаа, деца…
Билтенот на Министерството за внатрешни работи е полн со пријави за семејно насилство. Најголем дел од записите се за напади врз брачниот партнер, најчесто врз понежната половина, но има пријави и за напад врз сопствената мајка…
Еден таков случај е регистриран во Делчево, каде веќе е поднесена пријава против сторителот, кој физички ја нападнал неговата мајка.
– Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Н.И.(47) од делчевско поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“, „загрозување на сигурноста“ и „неизвршување на судска одлука“. На 16.07.2026 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата мајка и ѝ упатувал закани, со што постапил спротивно на решението од Основен суд Делчево, со кое му е изречена привремена мерка за заштита од семејно насилство – се посочува во билтенот.
Уште пошокантен случај е пријавен во Гостивар, каде брачен партнер ја нападнал сопругата, која подоцна пријавила и дека подолг период сопругот најчесто под дејство на алкохол физички и сексуално ја малтретирал, но постапувал несодветно и со децата, кои трпеле психичко и физичко малтретирање.
– На 16.08.2026 година полициски службеници од ПС Гостивар го лишиле од слобода И.Т.(45) од Гостивар. По претходна пријава за физички напад врз неговата 35-годишна сопруга, кај него се измерени 1,01 промил алкохол во крвта.
Во текот на вечерта, сопругата дополнително пријавила дека истиот подолг период под дејство на алкохол ја принудувал на сексуални односи, вршел психичко и физичко малтретирање врз неа и децата. Врз основа на тоа, во 23:55 часот бил извршен претрес во домот на И.Т., при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривично дело. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок – укажуваат од МВР.
Трет случај на напад врз сопругата е пријавен во Крива Паланка.
– На 15.08.2026 година во ОВР Крива Паланка, 61-годишна жена од Крива Паланка пријавила дека била физички нападната од нејзиниот сопруг Е.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – стои во билтенот.
Четврт пријавен случај е напад врз снаа од страна на деверот, во кој повредената жена завршила на клиниката во Тетово.
– На 15.08.2026 година во 16:30 часот полициски службеници од ПО Камењане го лишиле од слобода Ј.Н.(45) од с. Боговиње поради тоа што истиот ден во дворот од семејната куќа во с. Боговиње физички ја нападнал својата 34-годишна снаа, при што ѝ нанел телесни повреди констатирани во Клиничка болница Тетово.
Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок – се посочува во објавата.
Маж од Валандово е уапсен откако ја нападнал својата сопруга.
– Ноќеска (16.08.2026) во 00:18 часот во валандовско село, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Валандово лишија од слобода 42-годишен жител на тоа село, постапувајќи по претходна пријава дека на 15.08.2026 околу 21:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 36-годишна сопруга. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – е посочено во билтенот.
– На 15.08.2026 околу 20:30 часот Полициската станица Центар полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.Н.(59) од Скопје по претходна пријава дека околу 16:30 часот во домот физички ги нападнал неговата 58-годишна сопруга и нејзината 78-годишна мајка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – се нагласува во билетнот.
Последниот, седми случај на семејно насилство е регистиран исто така во Скопје, при што брачниот партнер ја нападнал сопругата.
– На 16.08.2026 во 05:55 часот на подрачјето на Гази Баба полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ш.С.(41) од Скопје по претходна пријава дека околу 02:45 часот во домот физички ја нападнал неговата 50-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – се наведува во билтенот.