Во Лос Анџелес не гаснат пожари со морска вода. Зошто?


Бидејќи смртоносните шумски пожари беснеат низ Лос Анџелес и стотици илјади жители се принудени да се евакуираат, критичниот недостиг на вода ги попречува напорите на пожарникарите да го изгаснат пламенот. Повеќе од 27.000 хектари во округот Лос Анџелес изгореа од избувнувањето на пожарите во вторникот наутро. Демократскиот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом, во средата изјави за Си-енеЕн дека пожарите предизвикале „целосно и апсолутно уништување“.

„Ги исцрпивме сите наши ресурси“, рече тој, истакнувајќи дека противпожарните хидранти низ регионот пресушија. „Тие хидранти обично можат да поддржат два или три пожари. И сега се занимаваме со нешто од оваа големина“.

Три резервоари за вода од противпожарната служба, секој со околу 3,5 милиони литри, се испразнети во средата наутро, изјави на прес-конференција Џенисе Кињонес, главен инженер за одделот за вода и електрична енергија на пожарникарската служба во Лос Анџелес.

„Гаснеме шумски пожар користејќи урбани водни системи, што е навистина предизвик“, рече Кињонес.

Како одговор на недостигот на вода, пожарникарите беа видени во средата како носат вода од Тихиот Океан со „канадарите“, објави KTLA 5 News.

Дали е навистина толку едноставно да се користи морската вода за гаснење пожари?
Иако морската вода може да биде ефикасна за гаснење пожари, нејзината редовна употреба не е практична за пожарникарите ниту може да се користи низ целиот систем и може да биде штетна за животната средина. Според Technology.org, солената вода може да биде корозивна за противпожарната опрема и да предизвика оштетување на алатките како резервоари, хидранти и црева.

За да се користи морската вода подеднакво ефикасно како и хидрантската вода, треба да се десалинизира, што е контроверзна тема во западниот дел на САД. Некои екологисти сметаат дека десалинизацијата е неефективна, скапа и непотребна, иако многумина се залагаат за систематско решение за борба против сушите и пожарите.

Здравје на животната средина
Здравјето на животната средина е исто така грижа за пожарникарите кога размислуваат за употреба на морската вода за гаснење пожари. Кога се истураат големи количини морска вода на оган, таа сол мора да заврши некаде – обично во почвата или да истече во блиските водни патишта.

Внесувањето на големи количини сол во области со густа вегетација – што е вообичаено на местата на шумски пожари – речиси секогаш има штетни последици.

Зголемувањето на соленоста на почвата, или содржината на сол во почвата, им отежнува на растенијата да апсорбираат вода и хранливи материи преку осмоза. Солта исто така може да ја направи почвата токсична, да го забави растот на садници и да ја наруши пропустливоста на почвата – односно колку лесно водата и хранливите материи можат да навлезат во почвата.

И покрај сето ова, пожарникарите понекогаш користат морска вода за гаснење пожари, но мора да бидат претпазливи и внимателно да изберат кога да применат таков метод.