Во ледник во Швајцарија најден авион што паднал во 1968 година


 

Остатоците од авионот кој се срушил во швајцарските Алпи во 1968 година пронајдени се во ледник 54 години подоцна, објави полицијата.

Остатоците на леталото се појавиле на ледникот Алеш, во југозападниот дел на кантонот Валис, близу врвовите Јунгфрау и Монх. Полицијата појасни дека авионот е пронајден во четвртокот.

„Со истрагата е утврдено дека се работи за делови од „пајпер чероки“, всо регистрација HB-OYL, кој паднал на тоа место на 30 јуни 1968 година. Понатамошна работа ќе продолжи наскоро“, стои во полициското соопштение. Локалниот медиум 24часа појаснува дека во авионот се наоѓале наставник и лекар и неговиот син, сите од Цирих. Тогаш биле проналдени нивните тела, но не и авионот.

Остатоците ги забележал планинарски водич во текот на една тура на тоа подрачје. Заради климатските промени и топењето на глечерите, се сменила патеката за искачување, па сега поминува токму кај местото каде паднал авионот.