Во Куманово отворена прва изложба на портрети на американски претседатели


Кумановци вчера во Занаетчискиот дом имаа можност да ја разгледаат изложбата „Портрети на американски претседатели“ од самостојниот уметник Борче Тодоровски. Изложбата се реализира по повод 500 години постоење на Куманово, а во чест на успешната соработка на градот со владините и невладините организации од САД во државата.

Портретите на 45-те американски претседатели, од Џорџ Вашингтон до Доналд Трамп, уметникот ги работел последниве две години.

-Ова е прва изложба на американските претседатели пред јавноста. Се инспирирав од нивната демократија, ја проучував нивната историја, животите, борбите за демократија на овие врвни светски претседатели, изјави уметникот Тодоровски.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на отворањето на изложбата рече дека портретите ги прикажуваат личностите битни за светската историја. Тој во предвечерието на 4-ти јули им го честиташе Денот на независноста на американскиот народ, за кого рече дека е голем пријател на македонскиот народ.

-Голема е чест да се биде домаќин на ваква изложба и се надевам дека ќе ги поттикне младите луѓе да создаваат и творат во стилот на Тодоровски, рече кумановскиот градоначалник.

Тодоровски завршил применета уметност – отсек графика и долги години работел на изработка на дизајни за потребите на прилепската печатница, меѓу нив и на првите македонски банкноти при осамостојувањето на државата.