Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа хоспитализирани 37 пациенти, вкупно се лекуваат 410 болни од Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 37 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 42 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, информираат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во ковид-центарот на Клиниката за неврологија и 17 болни се хоспитализирани на новото одделение на Клиниката за гастроентерохепатологија.

Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти.

На Кожната клиника во ковид-центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симптоми на корона вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни.

Вкупно 410 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

-И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, истакнуваат од Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека од вчера на Интерните клиники почна да функционира и ковид-центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија, а се очекува да започне со работа и ковид центарот на Клиниката за нефрологија.

– Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, потенцираат од министерството.