Во Ковид центарот во Битола се трошат дневно 1,5 тони кислород


Модуларната болница во Битола

Додека епидемијата во Битола се разгорува Модуларната болница е подготвена за прием на пациенти

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Тешка е состојбата во Ковид центарот во Битола каде во последните два дена се троши 1,5 тони кислород дневно.

Хоспитализирани се 117 лица и сите се во тешка состојба и имаат потреба  од кислородна поддршка.

„Како растеше бројот на хоспитализирани така се зголемуваше и потребата од кислород. Во последните два дена имаме потрошувачка од 1,5 тони кислород на ден, за споредба тоа е два до речиси три пати повеќе од претходниот период кога дневно трошевме по 600 до 800 кг и најмногу до 1,1 тони кислород дневно. Во последните два дена имаме сѐ повеќе потреба од кислород“, изјави д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничка болница Битола.

Изминатата недела беше особено тешка за битолчани каде дневно во болнички услови умираат под 4 до 6 пациенти. Само во последната недела починаа 17 лица поради компликации од вирусот, најмладиот на 41 година. За среќа во изминатото деноноќие нема починати.

Битола го поминува најтешкиот период од почетокот на кризата со 1.032 активни случаи како никогаш досега. Во последните денови по бројот на заболени е веднаш зад Скопје, а по бројот на активни случаи се доближува до Прилеп.

Инаку, Модуларната болница во Битола веќе е подготвена за нови приеми и не е исклучено ако состојбата се комплицира таа да ги прими првите пациенти уште оваа недела. 

„Модуларната болница е подготвена за прием на пациенти и согласно бројките и потребите се очекува во текот на оваа седмица да се започне со прием на пациенти“, вели Гагачовска. 

Битола располага со два пункта во Ковид центарот, има уште триесеттина  слободни кревети.

„Располагаме со сто кревети во Модуларната болница, до сите има обезбеден централен довод на кислород, располагаме со соодветна терапија, немаме застој во набавката, ги имаме сите возможни лекарства што се за третман, дури и најновите лекарства што се даваат во клиниките во Скопје. Се надевам дека граѓаните ќе ги почитуваат мерките за да не дојдеме до ситуација дополнително да ги отвораме како капацитети, зашто во моментов располагаме со доволно легла распоредени во два пункта. Но, имајќи го  предвид напливот на пациенти мораме да бидеме спремни за да работиме, не смееме да дозволиме ни еден пациент да биде вратен“, нагласува директорката на Клиничката болница Гагачовска.

Професорот Дејан Трајковски кој од почетокот на кризата изработува математичко статистички анализи за ковид кризата предупредува дека во Битола епидемијата допрва се разгорува.

„Битолчани, мислете му ја. На државно ниво растот веќе подзапира (започнува да се формира врвот на црвената крива), но на локално ниво, во Битола, епидемијата допрва се разгорува. Денеска е надминат ноемврискиот максимум за бројот на активни случаи додека според бројот на хоспитализирани есенскиот максимум е надминат уште пред неколку дена.

Гледаме дека властите немаат намера да го контролираат овој бран, но барем ние, граѓаните да се обидеме да го зауздаме своето самоубиствено однесување.

Беше што беше до сега, но во наредните 15-20 дена би требало да се прекине со влегување во било какви затворени простории со многу луѓе (особено без заштитни маски), кога тоа воопшто е возможно.

Дали денешниве 6 починати беа малку, па треба да видиме уште повеќе“, стои во вчерашната анализа за Битола на професорот Трајковски.