Во Косово запленети 85.000 евра во монети од по две евра, уапсени шест лица, тројца од Македонија


Специјалното обвинителство на Косово соопшти денеска дека уапсило шест лица, од кои тројца државјани на Северна Македонија и тројца од Косово, осомничени за фалсификување пари, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на Обвинителството, осомничените биле дел од група која дистрибуирала и внесувала на пазарот фалсификувани пари за кои, како што се наведува „постои сомневање дека се произведени во земја која е сосед на Косово“.

Во акција, спроведена од Обвинителството и Управата за стопански криминал и корупција при косовската полиција, запленети се над 85 илјади евра во монети од по две евра, за кои постои сомнение дека се фалсификувани.

– Во оваа акција запленети се кеси со по две евра во вредност од осумдесет и пет илјади и десет (85.010,00) евра за кои постои сомнение дека се фалсификувани. Запленети се и четири автомобили кои ги користеле уапсените и седум мобилни телефони, се наведува во известувањето на Обвинителството.

Надлежен обвинител им одреди на приведените 48-часовен притвор.