Во компаниите во ТИРЗ надмината бројката од 17 илјади вработени


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

 

Во компаниите во технолошки индустриски развојни зони со средината на ова година „пробиена“ е бројката од 17 илјади вработени, соопшти денес на брифинг со новинарите директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

„Ја ‘скршивме’, односно ја надминавме бројката од 17 илјади вработени во зоните“, рече Деспотовски.

Тој посочи дека на крајот на минатата година во зоните имало 16.230 вработени, а на средината на оваа година биле регистрирани на 17.047 лица кои што работат во некоја од компаниите во рамки на ТИРЗ.

„Очекувам дека бројката ќе продолжи да расте“, рече Деспотовски.

Лани, како што додаде за 12 месеци имало пораст од 2 илјади нови работни места. Тој очекува годинава номинално да биде достигната оваа бројка, а се надева дека ќе биде и поголема.

„Ова се должи пред се на засилената динамика на вработување, односно на ангажирање на луѓе кои што се реализираат заради новите договори кои што се потпишани во изминатите години“, рече Деспотовски, објаснувајќи дека процентуално, бројот на вработени во првото полугодие оваа година во компаниите во ТИРЗ е поголем за пет отсто.

Меѓу клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава, се и постигнатите договори за инвестиции од над 280 милиони евра. Тука е, потсети Деспотовски, и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата, вредна 205 милиони евра, со тајванскиот електро-гигант „Јагео“.

Деспотовски нагласи дека продолжува и стабилниот раст на извозот.

„Податоците се охрабрувачки и тие ги поткрепуваат нашите очекувања дека растот ќе продолжи. Извозот во првите шест месеци достигна близу две милијарди евра што претставува пораст од 12 отсто во однос на истиот период лани. Моите очекувања се дека оваа година ќе стигнеме близу 4 милијарди евра извоз заради тоа што дел од капацитетите со кои минатата година потпишавме договори ќе започнат со производство и извозот ќе го задржи стабилниот тренд на пораст“, посочи Деспотовски.

Анализата покажува благ пад на увозот од три проценти што пак влијае на пораст на нето извозот. Заклучно со јуни годинава нето извозот е 24 отсто, што е највисоко ниво досега.

„Заради овие бројки и заради зголемениот раст на работни места, уплатите од компаниите од ТИРЗ само на име на придонеси се над 25 милиони евра. Доколку продолжи ваквиот тренд, очекувам до крајот на годинава компаниите по основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка да биде околу 100 милиони евра, што доста го надминува она што го исплаќа државата“, посочи Деспотовски.

 

Директорот на ТИРЗ додаде дека од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4 600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.

Деспотовски очекува и забрзување на неопходните реформи, односно усвојување на законските измени за ТИРЗ и Индустриски зони, како и институционалната реформа, односно интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во ТИРЗ, со што и реално ќе се создаде една точка за инвеститори.

ТИРЗ почнува и кампања за промоција на европски работни места дома, која е посебно насочена кон младите.