Во Колумбија убиена кандидатката за градоначалник на Суарез
Кандидатката за градоначалничка на градот Суарез, во југозападна Колумбија, Карина Гарсија, е убиена заедно со уште пет други лица во напад што веројатно го извеле дисидентите на демобилизираната герилска група ФАРК, соопшти колумбиската Влада.
До убиството на првиот кандидат за овие локални и регионални избори во Колумбија, што ќе се оддржат во октомври, доаѓа по само неколку дена откако некои истакнати членови на бунтовничката група соопштија дека повторно го земаат оружјето в рака, јавија британските медиуми.
Според првичните извештаи, нападот бил изведен на автопат во планинско подрачје каде прво било пукано врз возилото на кандидатката Гарсија, која била предложена од Либералната партија, по што возилото се запалило.
Во нападот погинале и мајката на Гарсија, тројца локални активисти и кандидат за општински одборник.
Подрачјето во кое се случи ова масовно убиство е познато по производството и трговијата со дрога, но и како маршрута на дисидентите кои го одбиваат мировниот договор од 2016 година меѓу владата и Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).