Во кои земји се регистрирани заразени со корона вирусот


Од почетокот на епидемијата во Кина до сега со новиот вид корона вирус се заразени повеќе од 80.000 лица ширум светот, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Во континентална Кина до сега починале 2.633 луѓе како последица од вирусот, кој официјално доби назив КОВИД-19. Истовремено, заразени се 77.658 лица, претежно во централната кинеска провинција Хубеи.

Во Хонг Конг се регистрирани 81 случаи, а починале две лица, додека Макао има 10 лица кои се позитивни на вирусот.

Во Јапонија се регистрирани 850 лица заразени од вирусот, меѓу кои и 691 лице од крузерот „Дајамонд принцес“, кој е ставен во карантин во пристаништето Јокохама од 5 февруари.

Во Јужна Кореја како последица од КОВИД-19 починале осум лица, а 893 се заразени.

Во Италија се регистрирани 229 заразени лица и седум смртни случаи.

Во Иран починаа 12 лица и потврдени се 61 случаи на новата инфекција со корона вирус.

Во САД се пријавени 35 случаи на инфекција, при што еден американски државјанин е меѓу смртните случаи во Кина. Во Канада, 11 лица биле позитивни на тестирањата за новиот вирус.

Во Тајланд се регистрирани 37 заразени лица, 23 во Австралија, 22 во Малезија и 16 во Виетнам.

Во Франција почина едно лице од КОВИД-19, а регистрирани се и 12 заразени, во Германија има 16 заразени, во Шпанија три лица и во Велика Британија 13.