Во Кочани изложени делата од 35. Ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“


Ликовните дела инспирирани од десетвековната културна и духовна традиција на манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, а создадени на 35. ликовна колонија, во наредните две недели ќе може да ги види и кочанската публика.

Во Фоаје 2 на Центарот за култура „Бели мугри“ се изложени творбите на еминентни ликовни уметници од Србија, Бугарија, Украина и од Македонија, а соработката со ликовната колонија од соседната општина се реализира повеќе години и се оценува како многу успешна.

-Неколку компоненти ја поврзуваат ликовната колонија со Кочани, а една од нив е и што претседателот на Советот на колонијата, Глигор Чемерски, го има создадено и мозаикот на кочанскиот Споменик на слободата, што е најголем мозаичен комплекс на Балканот. Нашата колонија е единствена во државата и по тоа што работи во манастир, а она што го постигна за овие три и пол децении е што се претвори во културно јадро, преку кое се изградени духовни тангенти од Австралија дури до Бразил, Јапонија и Египет. Тука е создадена таа културна конфронтација од повеќе континенти, што се одразува во овие ликовни дела, истакна Јордан Михајловски, координатор на колонјата „Св. Јоаким Осоговски“.

Пред љубителите на уметноста во Кочани се претставени дваесетина ликовни творби работени во маслена техника, како и неколку скулптури – ситна пластика, кои се создадени во тешки пандемски услови и строги протоколи.

Изложбата во ЦК „Бели мугри“ е трета презентација на делата, по Крива Паланка и Штип, со што во специфични услови, на скромен начин колонијата го одбележува својот 35-годишен јубилеј.