Изутринава на социјалните мрежи се појавија фотографии направени во „Кит Го“ маркет на кои може да се види дека потрошувачите во маркетот пазарат со колички на кои стои логото на синџирот супермаркети „Тинекс“.

Фотографиите поттикнаа голема јавна дискусија поради вистинските причини кои се кријат зад употребата на количките од „Тинекс“ во друг маркет. И додека некои сметаат дека станува збор за купени стари колички од Тинекс и случајна грешка на непроменети рачки, други го осудија „Кит Го“ за недозволена употреба на количките од Тинекс.
Тинекс не врши препродажба на количките.
„Кога некоја количка за пазарење ќе биде надвор од употреба или доколку се врши редовна промена на типот на колички кои се користат за пазарење во нашите маркети, старите и неупотребливи колички се даваат во отпад и не се препродаваат. Пред  повлекувањето на ваквите колички од употреба, сите брендирани елементи од количките, како лого или други исписи поврзани со брендот Тинекс се отстрануваат. Засега немаме информации како нашите колички завршиле за употреба во конкурентски маркет. Често се случува нашите колички да не бидат вратени во нашите маркети од страна на несовесни потрошувачи и тие да бидат користени за приватни потреби, но ова е прв случај на комерцијална употреба на наши колички од друга компанија“, изјавија од „Тинекс“.