Во Кинотека „Ден на корејската култура во Скопје“
Амбасадата на Република Кореја во соработка со Кинотека на Македонија денеска организира „Ден на корејската култура во Скопје“.
Предвидени се проекции на два филма во Кинотека. Од 17:00 часот ќе биде прикажан играниот филм „Помеѓу боговите: двата света“, јужнокорејски фантастичен акционен филм од 2017 година, во режија на Ким Јонг-хва. Филмот е прв дел од трилогијата базиран на истоимениот веб-серијал на Џо Хо-мин, кој е инспириран од будистичките слики од корејската династија Чосеон и раните будистички текстови за Десетте кралеви на пеколот. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.
Од 19:30 часот, пак, е играниот долгометражен филм „Одлука за заминување“ на корејскиот режисер Паак Чан-ук кој ја доби „Златната палма“ за режија на Канскиот фестивал во 2022 и беше јужнокорејски кандидат за „Оскар“ во 2023.
Паак Чан-ук (Park Chan-wook, 1963) е еден од најзначајните режисери на современата корејска кинематографија, а неговите филмови „Заедничка зона на безбедност“, „Сочувство за г-дин Одмазда“, „Олдбој“, „Жед“, „Слугинка“ и други се меѓу најнаградуваните корејски филмови не само на домашните и азиските, туку и на филмските фестивали ширум светот, велат од Кинотека во најавата за „Ден на корејската култура во Скопје“.