Во Кина се врати кризниот режим


Се чинеше дека коронавирусот во Кина е под контрола, но сега расте стравот од втор бран на инфекции. Во Пекинг се регистрирани многу нови случаи, колку што немало со недели на назад. Погодените населби се во кризен режим.

Во Кина денеска се пријавени нови 49 случаи на заразени со коронавирусот од кои 36 во главниот град Пекинг и тоа поврзани со пазарот на големо кој го снабдува поголемиот дел од градот со месо, риба и зеленчук. Останатите 10 случаи се увезени од странство и се регистрирани во провинцијата Хубеј, во близината на Пекинг.
Националната здравствена комисија денеска пријави дека 117 лица се лечат од Ковид-19, а 115 се во изолација и под надзор затоа што покажуваат знаци на болеста или се тестирани позитивно, но немаат симптоми.

China Coronavirus Xinfadi Markt in Beijing (Reuters/)

Новите случаи забележани денеска претставуваат најголем дневен број заразени втор ден по ред во последните два месеца, и поради тоа Пекинг го откажа најавеното отворање на некои основни улилишта и воведе некои нови рестриктивни мерки.

Градот, исто така, го затвори пазарот на големо Синфади и нареди тестирање на сите вработени. Околу пазарот 11 стамбени населби се ставени во изолација. Рестораните во градот мораат да спроведат тестови на својата сурова храна.Во Пекинг кој досега беше доста поштеден, од петокот се забележани 75 нови случаи на заразени. Неколку градови во земјата сега им советуваат на своите граѓани да не патуваат во Пекинг.

Локалните медиуми јавуваат дека вирусот е пронајден на блоковите за сечење лосос на пазарот, поради што поголем дел од супермаркетите во Пекинг ја повлекоа оваа риба од продажба, пренесува Би-Би-Си.

Според кинеската Национална здравствена комисија, во Пекинг е забележан еден нов случај на коронавирусот во четвртокот и 6 во петокот, и тоа се први случаи за речиси два месеца. Во саботата се забележани 36 нови случаи во Пекинг и сите се поврзани со пазарот Синфада.

Здравствените власти во Пекинг наведуваат дека генските испитувања покажуваат оти овој тип на вирусот кој предизвикува ново жариште е поврзан со типот во Европа, но не е јасно дали се шири со движење на луѓето или преку транспорт на храна.Во Кина вкупно се пријавени 4.634 смртни случаи од вирусот, а 83.181 лица се заразени од почетокот на епидемијата.