Во Кина се урна хотел – карантин за лица што имале контакт со заболени од корона вирус


Петкатна зграда во провинцијата Фуџијан, која се користела за сместување и набљудување на луѓе кои дошле во контакт со пациенти со Ковид-19 се урнала околу 19:30 часот по локално време, при што се претпоставува дека 70 лица останале под урнатините, јавија светските агенции.

Најмалку 29 лица досега се спасени од остатоците од хотелот „Синсиа експрес“ во Куангжу, соопшти Министерството за управување со вонредни состојби, пренесува „Индипендент“.

Околу 150 пожарникари се вклучени во спасувачката акција. Снимките што се споделуваат на социјалните медиуми покажуваат дека работниците во службата за итни случаи се движат меѓу урнатините и користат моќни факели за да бараат преживеани.

„Само што вечерав и одеднаш слушнав силен тресок и мислев дека станува збор за експлозија“, изјавил за „Саут Чајна Морнинг Пост“, човек кој живеел во зградата спроти хотелот.

„Само што отидов до балконот, видов дека целата хотелска зграда пропадна“, рекол тој.

Хотелот е една од двете згради што се користат како карантински центар во градскиот округ Лихенг, по отворањето како хотел во јуни 2018 година.

Причината за падот сè уште не е позната.