Во Кина расте и гневот и бројот на смртните случаи


Десетици луѓе умреа денес во жариштето на избувнувањето на корона вирусот, каде што болниците се соочуваат со ужасен недостиг на опрема, лекови и персонал за да можат да го спречат ширењето на болеста. Во исто време, расте и гневот на јавноста, откако се појавија телевизиски инсерти на кои владините функционери во Вухан носат заштитни маски кои треба да бидат наменети само за медицинските лица кои се борат со болеста.

Кинеските државни медиуми објавија дека се регистрирани 57 нови смртни случаи, сите освен еден во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, од каде тргна смртоносниот виирус. Со тоа бројот на смртни случаи се искачи на 361, што ја надмина бројката на починатите во Кина од вирусот САРС во 2002-2003 година. Бројот на заразени се искачи на 17.200.

Во јавноста се појави видео снимено во болницата број 5 во Вухан, на кое се прикажани пластични вреќи со мртви тела во автобус, како и сцена во која еден маж плаче над мртвото тело на неговиот татко. Во видеото човекот што снима вели: „Многу луѓе тукушто умреа. Има толку многу мртви тела… сѐ уште ги изнесуваат“.

Во исто време расте и гневот на јавноста откако се појавија телевизиски инсерти на кои владините функционери во Вухан носат заштитни маски кои треба да бидат наменети само за медицинските лица.

Видеото што го постираше „Пекинг њуз“ прикажа владини функционери како носат маски пристигнати од донации, кои ги распределува кинескиот Црвен крст. Тие респираторни маски на функционерите се специјализираниот модел Н95, додека лекарите на состанокот носеле обични хируршки маски. Онлајн коментаторите веднаш ја критикуваа оваа постапка, а видеото за кусо време имаше две милиони прегледи.

Локалните и централните владини функционери се соочени со гнев од јавноста околу справувањето со корона вирусот. Луѓето низ цела Кина се соочуваат со проблеми да купат маски, бидејќи има недостиг од нив, како и на други заштитни материјали. Еден корисник на мрежата „Веибо“ напиша под видеото: „Ако нема маски каде мислите дека обичните граѓани ќе можат да ги купат?“

Граѓаните ги критикуваат властите дека властите не направиле доволно да го спречат ширењето на вирусот во првите недели, кога тоа можело да се менаџира, туку се одлучиле да ги игнорираат повиците на лекарите дека ситуацијата е сериозна. Наместо тоа властите се определија за тактиката на прикривање, а објавувањето на ширењето на вирусот беше направено кога тоа очигледно беше доцна.

Кинеското министерство за надворешни работи издаде итен повик за заштитни средства. „На Кина итно ѝ се потребни медицински маски и заштитни одела“, објави портпаролот на министерството Хуа Чунјинг. Тој ги критикуваше САД поради одлуката да ги забрани патувањата од Кина кои стапија во сила во неделата. Хуа изјави дека САД и другите земји реагирале „прекумерно“ и дека Вашингтон наместо да ѝ достави на Кина помош, креирал и ширел паника.

Агенцијата Ксинхуа објави дека 68 медицински тимови со персонал од 8.300 лица од цела Кина биле испратени во провинцијата Хубеи. Новата болница во Вухан направена за десетина дена дена треба да почне со работа денес, а во неа ќе работи персонал од 1.400 воени лекари и друг медицински персонал.

Вирусот се рапшири во 24 земји, а голем дел од државите, вклучувајќи ги и сојузниците на Пекинг, ги затворија границите за кинеските граѓани и за патниците што доаѓаат од Кина. (Според агенциите)