Во Кина откриен нов вирус со „потенцијал за пандемија“


Kина– Кинеските научници предупредуваат дека откриле нов вирус што е сличен на свинскиот грип од 2009 година, пишува Би-Би-Си.

Вирусот може да се пренесе на луѓето, а неговиот главен носител се сметаат домашните свињи.

Истражувачите се загрижени дека вирусот може да мутира, да стане лесно пренеслив од личност до личност и да доведе до нова епидемија.

Вирусот до денеска не се покажа како проблем, но научниците велат дека ги покажува сите знаци на брзо прилагодување на луѓето и има потреба од внимателно следење.

Последната пандемија со која се соочи човештвото пред сегашниот бран на коронавирус беше свинскиот грип од 2009 година, што почна во Мексико. Таа, за среќа, не се покажа толку смртоносна како што стравуваа експертите. Се покажа дека постарите лица имаат одредени нивоа на имунитет, што веројатно значи дека имало слични бранови на болеста во минатото.

Тој вирус, што беше наречен A/H1N1pdm09, е вклучен во годишните вакцини против грип и се смета дека ги штити луѓето.

Новиот вирус, откриен од кинески научници, е сличен на свинскиот грип, но има некои разлики. Истражувачите го нарекоа G4 EA H1N1 и велат дека може да се сместува и да се размножува во клетките, што ги покриваат дишните патишта на човекот .

Вирусот е пронајден кај работници во кланиците во Кина. Сегашните вакцини против грип не штитат од него, но експертите велат дека препаратите може да се модифицираат и да понудат заштита од G4 ЕА H1N1.