Во Кина црвен аларм – покривите и патиштата се топат
Кина– Во многу кинески градови владеат високи температури, при што од топлотните бранови се топат покривите на зградите и патиштата, додека непријатното време ги принуди луѓето во подземни засолништа, пренесуваат медиумите во светот.
До вторник во 11 часот, 68 градови – вклучително Шангај и блискиот Нанџинг – објавија црвен аларм, највисок во тристепениот систем за предупредување од топлотни бранови, предвидувајќи температури над 40 степени целзиусови во следните 24 часа.
Шангај, кој сè уште се бори со спорадични епидемии на Ковид-19, ги предупреди своите 25 милиони жители да се подготват за топлото време оваа недела. Од почетокот на евиденцијата во 1873 година, Шангај има само 15 дена со температури над 40 Целзиусови степени.
Во распространетиот парк за диви животни во Шангај, персоналот превезува осум тони мраз дневно само за да ги излади животните.
„Оваа година, жештините дојдоа малку порано“, вели Жу Дарен, жителка на Шангај, додека нејзиниот петгодишен син си игра во фонтаната.
„Иако е само јули, чувствувам како жешкото време веќе го достигна својот врв. Во суштина, мора да ја вклучите климата кога ќе се вратите дома и да ставите крема за сончање кога ќе излезете надвор“.
Кина оваа година се соочува со лето полно со контрасти, со наизменични топлотни бранови и обилни врнежи што ја пустошат земјата. Властите, повикувајќи се на климатските промени, предупредија на можни временски катастрофи од средината на јули, традиционално најтоплото и најврнежливото време од годината.
Во град во јужната провинција Џиангкси, дел од патот се згужвал и се подигнал најмалку 15 сантиметри поради жештините, покажала државната телевизија.
Нанџинг, еден од трите пеколни градови во Кина, познат по жешките лета ги отвори подземните засолништа за воздушни напади за жителите од неделата. Воените бункери се опремени со WiFi, книги, вода, дури и микробранови печки. Градот во вторникот издаде црвен аларм.
Во Чонгкинг, уште еден „пеколен град“, покривот на музејот буквално се стопи, а традиционалните кинески ќерамиди пукаа и паднаа додека топлината го стопи катранот што ги држеше на покривот. Градот во понеделникот објави црвен аларм, пишуваат локалните медиуми.
Чонгкинг распореди камиони со прскалки со вода за ладење на патиштата.
Оваа недела се предвидува високи температури, влажност и ултравиолетово зрачење да го погодат централниот град Вухан, третиот „град на пеколот“.