Во Кичево и во Македонски Брод годинава нема дуални паралелки


Разговорите  поврзани со проектот „Учи паметно, работи стручно“, ни даваат слика за потребите на компаниите за стручни и обучени лица, но и за реалните можности и услови на средните стручни училишта да ги обезбедат овие лица, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната посета на општина Кичево, каде продолжија консултациите со стопанството, локаната самоуправа и средните стручни училишта за креирање на уписната политика за учебната 2022/2023 година.

– Разговорите кои интензивно се водат веќе втора година по ред, дадоа претстава за тоа што му е потребно на македонското стопанство, како треба да го реформираме средното стручно образование и што треба државата да стори, за младите по завршување на своето образование останат во општината за да го дадат својот придонес за развој на општеството, напомена Шаќири.  

Денеска, рече министерот, повторно сме тука, сите инволвирани во овој проект, уште еднаш да ги доближиме ставовите и преку дијалог да најдеме решение за учениците, но и за компаниите кои гравитираат во овој регион. Оваа учебна година во Кичево и во Македонски Брод, нема ниту една дуална паралелка, но верувам дека оваа ситуација ќе се промени и дека училиштата и компаниите ќе најдат начин како започнат соработка и да ги привлечат учениците да бидат дел од дуалното образование, со што бенефит ќе имаат и работодавците и учениците.

 

– Министерството за образование е тука, да помогне во интензивирање на дијалогот. Од друга страна, пак, радува фактот што има интерес од страна на учениците за средното стручно образование. Во двете општини според нашите податоци имаме над 200 учениците кои своето образование оваа учебна година, одлучиле да го продолжат во здравствената, машинската, електро-техничката, правната и угостителската струка. Оваа бројка ни дава за право да се надеваме дека наредната учебна година, ќе успееме да реалзираме настава во дуално образование, со што ќе им го трасираме патот на успехот на учениците кон подобра иднина, а на компаниите ќе им обезбедиме стручен и подготвен кадар, кој ќе може веднаш да се вклучи во производствениот процес, рече Шаќири.  

МОН, како што рече министерот, по завршување на серијата дијалози со компаниите и средните училишта, почнува со изготвување на уписната политика за учебната 2022/2023 година, согласно предлозите и мислењата како треба да се развива средното стручно образование.

– Бидете сигурни дека сите Ваши предлози, мислења и идеи, ќе бидат разгледани со огромно внимание, бидејќи целта ни е заедничка, да создадеме средно стручно образование согласно потребите на компаниите и општеството, бидејќи само преку дијалог и сериозен пристап од сите засегнати страни можеме заеднички да успееме во нашата мисија, истакна Шаќири.

Министерот им се заблагодари на партнерите од Стопанската комора на Северна Македонија и Амбасадата на Швајцарија за помошта и поддршката која ја дадоа и оваа година со цел да се детектираат потребите на стопанството за стручен кадар.