Во Загреб отворени изложбите посветени на 90 години од раѓањето на Љубомир Бранѓолица


Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб од завчера отворени се изложби на уметници од нашата држава.

Станува збор за изложбата на акварели на Марија Светиева и Виктор Брангјолица и изложбата  „Каламота подалеку од светлината” на Влахо Бранѓолица по повод 90 години од раѓањето на истакнатиот композитор Љубомир Бранѓолица.

Изложбите се во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје, со поддршка на КИЦ на Северна Македонија од Загреб и Министерството за култура на Северна Македонија.

Виолета Калиќ, куратор на овие изложби и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Домот на култура „Кочо Рацин“ Скопје, за време на отворањето на изложбите ја истакна релацијата меѓу сите изложби во манифестацијата кои претставуваат врска на разнородните стилски и изразни сензибилитети, стремежот за запазување на духовноста и светлината на духот во стремежот за запазување на етичките и хумани вредности.

Отворањето на изложбите беше одбележано со настап на најмладите ученици од повеќе основни училишта од Загреб, кои изучуваат македонски јазик и кои говореа стихови од стихозбирката „Бели мугри“ на македонски поет Кочо Рацин.