Во Кавадарци почна изградбата на Регионален центар за згрижување на бездомни миленици


Во Кавадарци почна изградбата на Регионален центар за згрижување на бездомни миленици, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

– Локацијата на објектот е во населба Глишиќ, на површина од 5.470 квадратни метри. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14 892 319 денари. Дел од средствата во висина од 5 119 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9 772 933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Согласно динамиката за изведување на градежните работи, целиот проект треба да биде готов во наредните шест месеци. Изведувач на работите е фирмата ,,АС машини”, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Пред неколку дена, присуствувајќи во Кавадарци, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов рече дека со изградба на стационар, Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион, акутен проблем за 150 илјади граѓани.

– Ја поздравувам иницијативноста на Општина Кавадарци и регионалниот пристап во решавањето на прашањето, кое што би требало да го следат и другите плански региони. Општините се тие кои што најдобро можат да направат проценка, да ги обезбедат сите услови и документи за градење и да понудат конкретни проекти, рече Пенов.

Тој потсети дека постои буџетска програма за рамномерен регионален развој, од која што вакви проекти можат да бидат финансирани и во другите плански региони, а може да се обезбеди и донаторско учество како во конкретниот случај, преку Швајцарската Агенција за развој и соработка.

– Со изградбата на стационарот ќе се обезбедат соодветни услови за континуирана грижа на бездомните кучиња преку изградба на централно прифатилиште, а ќе се зголеми и безбедноста на граѓаните, рече Пенов.

Преку посебна веб платформа е предвидено да се олесни и начинот на пријавување на проблем од страна на граѓаните, а ќе се изработи и систем за следење и регистрација на бездомни кучиња.