Во Каталонија се затвораат сите дискотеки и ноќни клубови

Шпанија – Властите во шпанската провинција Каталонија наредија затворање на сите дискотеки и ноќни клубови, во обид да го спречат ширењето на коронавирусот.

Мерките, кои стапуваат во сила денеска и ќе важат две недели, се воведени откако во Каталонија во последните 14 дена беа регистрирани околу 8000 нови случаи, додека во истиот период се регистрирани нешто повеќе од 16.000 новозаразени во цела Шпанија.

Претходно донесените мерки, кои, меѓу другото, вклучуваа и забрана за собирање на повеќе од 10 лица на јавно место, ќе важат уште една недела, по што локалните власти ќе проценат дали ќе ги продолжат.

Епидемијата во Шпанија се забави во јуни, по што беше укината вонредната состојба, но оттогаш вирусот повторно се прошири во 280 жаришта, при што Каталонија бележи најголем број нови случаи.