Во Карпош се поставија полуподземни контејнери


Град Скопје започнува пилот проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата, односно полуподземни контејнери.
Станува збор за полуподземни контејнери со капацитет од 3 до 5 кубни метри од реномираниот фински производител „Молок“ кој преку своите локални партнери покрена иницијатива за тестирање на овие контејнери во Скопје. За таа цел на ул. „Никола Русински“, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош, поставени се шест вакви контејнери, од кои два се со капацитет од три кубни метри, а четири со капацитет од пет кубни метри. Овие контејнери имаат извесни предности во однос на другите видови од кои може да се издвојат заради поголемиот капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација.
Овој пилот проектот ја дава и можност за селектирање на отпад и граѓаните покрај селекцијата на комуналниот отпад ќе можат да селектираат и електронски и кабаст отпад.

– Во неколку месечниот тест период во рамките на овој пилот проект ќе ги согледаме сите предности и предизвици од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата, по што ќе бидат направени внимателни анализи за исплатливоста на инвестирањето во вакви контејнери барем за оние делови од градот каде што просторните услови тоа го дозволуваат. Граѓаните веќе ги чувствуваат промените со новиот концепт на третманот на комуналниот отпад во Град Скопје. Промените се видливи и мерливи.  Градските улици се почисти, сменети се голем дел од садовите за комунален отпад и нивното празнење е сега побрзо и поефикасно, во тек се повеќе активни кампањи за услугите за подигање кабаст отпад и бесплатното подигање на стрништата и отпадот после берба на земјоделските производи. Тоа значи дека се движиме во правилна насока и доколку сите заедно се погрижиме, за релативно кратко време ќе имаме неколкукратно почист град од она што сме навикнале да го гледаме до неодамна – кажа Шилегов.
Шилегов денеска уште еднаш упати апел граѓаните прописно да го фрлаат отпадот од домаќинствата користејќи ги садовите исклучиво во согласност со нивната намена и да го фрлаат отпадот во пропишаното време, односно од 19 до 22 часот навечер, во затворени пластични кеси, не оставајќи храна и облека надвор од контејнерите и слично.