Во Карпош нова велосипедска патека, повеќе пари за субвенции за велосипеди


Направена е нова велосипедска патека во должина на улицата „Никола Парапунов“, во населбата Карпош 4, каде Градот Скопје изврши целосна изведба на патеката, која е во должина од 580 метри и ги поврзува булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“.

Во текот на летниот период, Градот целосно ја реконструираше и улицата „Никола Парапунов“, а со новата вело – патека, овој потег доби уште поголема вредност и мобилност.

Во теренска посета на Карпош 4 денеска беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Богоев истакна дека локалната самоуправа продолжува да го поддржува алтернативниот превоз и најави субвенции за велосипеди и за во 2021 година.

– Во предлог Буџетот за 2021 година ги зголемуваме и субвенциите за купување на велосипед. Оваа година доделивме 300 илјади денари за оваа намена, а за претстојната година планираме за 60насто повеќе стимулации или 500 илјади денари за поддршка на граѓаните кои ќе купат велосипед – рече Богоев.

Тој истакна дека општината, во изминатиот период обрна големо внимание и на безбедноста на сообраќајот во Карпош 4. Имено, воспоставен е нов сообраќаен режим на еднонасочни улици и истиот веќе дава резултат. Исто така, околу реонското училиште „Петар Поп Арсов“ беше поставена дополнителна сигнализација за зголемување на безбедноста.

Градоначалниот Шилегов изјави дека Градот оваа година направил повеќе од 100 километри велосипедски патеки. Тој ги повика граѓаните на зголемено користење на велосипедот, но и да бидат одговорни учесници во сообраќајот и возилата да не ги паркираат на велосипедските патеки.

Локалната самоуправа утринава подели и флаери преку кои ги извести граѓаните дека паркирањето возило на велосипедска патека се казнува со 50 евра.