Во кафеана само вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19, ќе дадат ли мерките резултат


Од денеска стапуваат во сила новите рестриктивни мерки со кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани ќе мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан Ковид-19 во изминатиот месец и половина. Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено.

Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли.

Надлежните велат дека мерките се носат со цел да се заштити јавното здравје и да не се доведе државата во ситуација повторно да воведува локдаун и целосно затворање на одредени дејности.

– Секој има право да избере дали ќе се вакцинира или не. Но, државата мора да води грижа за колективното здравје. Ако јас одлучам да не ја примам вакцината и влезам во простор каде има повеќе од 30 луѓе, ризикувам сите останати 29 луѓе да бидат заразени од мене. Грижата на државата е во колективното здравје. Апелирам да се вакцинираме затоа што засега тоа е единствениот начин да ја победиме пандемијата и да се вратиме на нормалниот живот, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

И министерот за економија Крешник Бектеши вчера апелираше да се почитуваат протоколите од страна на сите дејности и најави дека на денешниот состанок на Главниот кризен штаб ќе биде разгледана и можноста освен со сертификат за вакцинација и потврда за прележан коронавирус, да се влегува и со негативен ПЦР тест, но не постар од 14 дена.

– Согласно бројките што ги имаме последните денови, се разгледуваат повеќе опции како што се воведување на потврда за вакцинација и потврда за антитела, а дополнително ќе се разгледа и можноста да се достави и ПЦР тест, но не постар од 14 дена, а секако да ги прошириме и дејностите вклучувајќи ги тука и шопинг моловите, истакна Бектеши.

За разлика од нив, угостителите велат дека новите мерки се неприменливи. Така, од Независната угостителска комора побараа од Владата веднаш да ја укине одлуката, бидејќи е неприменлива, а според нив се нарушуваат човековите права и се прекршуваат неколку закони. За да можат редарските служби во угостителските објекти да вршат идентификација на гостите дали се вакцинирани или не, потребно е да се сменат повеќе законски регулативи со кој ќе се пренесе тоа службено овластување кое во моментов го имаат вработените во МВР и докторите, посочија од НУК.

„Ниту инспекторите, ниту редарите, ниту угостителите немаат право да побараат лична идентификација без да го нарушат Законот за лична идентификација. Ова е удар врз македонските граѓани бидејќи се ограничуваат нивните права загарантирани со Устав“, изјави претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Казните за непочитување на новите мерки е „солени“ – гостите што ќе бидат затечени во кафеана без соодветен сертификат за вакцинација, ќе бидат казнети 250 евра, а на угостителските објекти кои нема да ги почитуваат владините мерки им се закануваат казни од 2.500 до 30.000 евра, додека за одговорното лице на објектот е предвидена казна од 1.500 евра.

Освен во угостителските објекти, вакцинален сертификат е неопходен и за на базен, за одење во игротека… 

И додека надлежните апелираат на масовна вакцинација за што поскоро нормализирање на состојбата, вчера во повеќе градови низ државата се одржаа протести против новите рестриктивни мерки. Според присутните, со новите мерки им се ускратува слободата на граѓаните, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.

Министерот за здравство Венко Филипче доцна вечерта се огласи на Фејсбук порачувајќи дека вакцините и мерките се ефикасни и нагласувајќи дека вакцинацијата е доброволна.

– Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот, напиша Филипче.

Во статусот, Филипче наведе дека на многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара сертификат за влез на масовни настани и во угостителски објекти и оти тоа никој не го смета за дискриминација, туку за одговорност и заштита на јавното здравје.
 
 
–  Верувам дека никој не сака, ова  да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските, истакна Филипче, додавајќи дека секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација, ја манипулира јавноста.
 

Новите рестриктивни мерки се носат по зголемување на бројот на новозаразени во изминатиот период. Вчера, Министерството за здравство регистрираше нови 807 случаи од направени  6.980 тестирања. Во изминатото деноноќие починаа 10 лица од кои најмладиот пациент е на 28-годишна возраст. Најголем број нови случаи вчера беа регистрирани во Скопје – 240 по што следуваа Гостивар со 138 и Тетово со 136 нови случаи.

Алармантно е во Тетово каде само вчера имаше 80 лица на болничко лекување. Според надлежните во тетовската болница, такви бројки немале ниту во ноември лани, ниту во март/април годинава.

Министерството за здравство најави дека се размислува и за воведување дополнителни локални мерки за заштита од Ковид за што ќе се разговара денес.

Инаку, во текот на изминатата недела аплицирани се вкупно 49.569 први дози на вакцини во државата. Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 586.384 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.058.112 дози вакцини, а ревакцинирани се 471.728 граѓани, соопшти Министерство за здравство.