Во Кавадарци се отвора Интервентен центар за привремено згрижување на лица во социјален ризик
Заврши реконструкцијата и пренамената на постојниот објект на улица „7 Септември“ во Кавадарци во Интервентен центар за привремено згрижување на лица во социјален ризик. Во рамките на овој интервентер центар има шест апартмани кои ќе бидат во функција за лица во социјален ризик, кои имаат потреба од времено сместување, како и жртви на семејно насилство.
Интервентниот центар, заедно со веќе постоечкиот регионален советувалиштен центар, се алка која претставува значаен чекор напред во обезбедувањето на сигурно место за жртвите на семејно и родово базирано насилство. Тие сега имаат место каде што можат да ја добијат неопходната помош, поддршка и закрила, како и да го започнат процесот на опоравување и излезот од тешката ситуација во која се наоѓаат.
– Благодарност до Општина Кавадарци која ја препознава нашата мисија и визија. Благодарност и за нивната неизмерна поддршка и ангажман за првиот регионален Советувалиштен центар во нашата држава, а сега и Интервентен центар за згрижување на жртвите на семејно и родово базирано насилство, како и за сите други маргинализирани граѓани од ранливи категории – истакна Благица Коцева – Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија“, во чии рамки е Центарот.