Во јуни намален бројот на дозволи за градба и на вредноста на објектите


Фото: Б. Грданоски

Во јуни годинава се издадени 202 одобренија за градење, што е за 1,5  проценти помалку во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.269.468.000 денари, за 23 проценти помалку споредено со јуни минатата година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 128 (63,4  проценти) се наменети за објекти од високоградба, 26 (12,9 проценти) за објекти од нискоградба и 48 (23,7  проценти) за објекти за реконструкција.

Најмногу одобренија за градење, 45, се издадени во Полошкиот регион, по што следат Скопскиот со 41, Вардарскиот и Пелагонискиот со по 30… Најмалку, или само пет градежни дозвлови, се издадени во Североисточниот регоон.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 516 станови, со вкупна корисна површина од 34.471 квадратни метри. Повеќе од половина или 288 од становите се во Скопскиот регион, од кои најмногу, 227 во општина Аеродром, 49 во Кисела Вода, шест во Бутел.

Од вкупно 202 објекти, на 124 (61,4 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 78 (38,6 проценти) инвеститори се деловни субјекти.