Во јули ќе се дозволи вакцинација на секој што сака


Откако ќе се вакцинираат сите пријавени граѓани преку матичен лекар или преку апликацијата вакцинација.мк, во јули се планира секој што сака да се вакцинира да може да појде на пункт и да биде имунизиран.

Како што соопшти министерот Венко Филипче денеска во Битола, вакцинацијата е успорена поради малата количина на вакцини која доаѓа секој понеделник, но до 28 јуни ќе пристихнат 100.000 вакцини од „Фајзер“ преку Ковакс системот, а истиот ден или ден претходно половина од кинеските вакцини „Синовак“ и останатата половина од 500.000 дози на 30 јуни.

„На крајот на следната недела се очекуваат овие големи количини да пристигнат, за неделата потоа значајно да се забрза процесот на вакцинација, Во период од две недели сите пријавени граѓани кои чекаат термин, а тоа се близу 180.000 ќе добијат термин и се вакцинираат. За после тоа да ги отвориме пунктовите за сите кои ќе покажат волја да се вакцинираат на лице место“, рече Филипче.

За оние граѓани кои се пријавиле уште од почетокот на стартот на интернет страницата за имунизација, не добиле термин, а се во повозрасни години да се пријават преку матичните лекари, апелираше Филипче.

„Има такви случаи во повеќе градови не само тука и нема друго објаснување освен дека е технички пропуст во податоците. Тие граѓани кои се во возрасната категорија каде сакаме да ставиме акцент, нека аплицираат повторно преку матичните лекари“, рече министерот за здравство.

Тој го посети Здравствениот дом во Битола каде се реновирани речеиси сите служби, а останува в година да се реновира и лабораторијата.