Во јануари извозот поголем за 13,7 отсто во однос на истиот месец лани, увозот за 4,9 отсто


Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2023 година, изнесува 38,29 милијарди денари и бележи пораст од 13,7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во јануари 2023 година, изнесува 52,33 милијарди денари денари, што е за 4,9 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во јануари 2023 година, изнесува 14,04 милијарди денари денари, а покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2023 година, изнесува 73,2 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во јануари 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.

Стоковна размена изразена во евра и САД долари

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2023 година, изнесува 621,12 милиони евра и бележи пораст од 13,7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 848,97 милиони евра, што е за 5,0 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во јануари 2023 година, изнесува 227,85 милиони евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2023 година, изнесува 671,09 милиони САД долари и бележи пораст од 8,6 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 916,77 милиони САД долари, што е за 0,1 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во јануари 2023 година, изнесува 245.674.000 САД долари.