Во израелски напад на Газа убиен палестински командант

Израелската војска соопшти дека напаѓа цели во Појасот Газа како одговор на заканите од тамошната палестинска милитантна група


 

Најмалку 10 Палестинци, меѓу кои едно дете и командант на палестинскиот Исламски џихад (ПИЏ), се убиени, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Тоа уследи по неколкудневните тензии откако Израел уапси висок член на ПИЏ на окупираниот Западен Брег.

ПИЏ со седиште во Газа се закани дека ќе возврати со бомбардирање на централен Израел.

Израелскиот премиер Јаир Лапид рече дека Израел нема да дозволи „терористичките организации да ја поставуваат агендата“.

„Секој кој ќе се крене да му наштети на Израел нека знае дека ќе дојдеме до нив. Нашите безбедносни сили ќе дејствуваат против терористите на Исламскиот џихад за да ја отстранат заканата од граѓаните на Израел“, рече тој.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека напаѓаат локации поврзани со ПИЏ. Тие ја вклучуваат и високата Палестинска кула во градот Газа, погодена во силна експлозија која остави чад од зградата.

Четворица милитанти на ПИЈ – вклучително и командантот Тајсир Џабари – и едно петгодишно девојче се меѓу убиените од почетокот на нападите, велат локалните здравствени власти.

Тие велат дека се повредени уште 55 лица.

Портпаролот на израелската војска рече дека ИДФ „претпоставува дека се убиени околу 15“ милитанти.

Израелскиот министер за внатрешни работи Ајелет Шакед изјави за Канал 12: „Не знаеме како ќе се одвива ова… но за ова може да биде потребно време… Ова може да биде долг конфликт и тежок“, објави „Тајмс оф Израел“.

Говорејќи за време на посетата на иранскиот главен град Техеран, генералниот секретар на ПИЏ Зијад ал-Нахала рече „ние ќе одговориме силно на оваа агресија и ќе има борба во која нашиот народ ќе победи“.

„Нема црвени линии за оваа битка… и Тел Авив ќе биде под ракетите на отпорот“.

Во понеделникот вечерта, Израел го уапси Басем Саади, за кој се наведува дека е шеф на ШИЏ на Западниот Брег. Тој беше задржан во областа Џенин како дел од тековната серија операции за апсење по бранот напади на израелските Арапи и Палестинци во кои загинаа 17 Израелци и двајца Украинци. Двајца од напаѓачите дошле од областа Џенин.

По апсењето на Басем Саади, Израел ги засили безбедносните мерки за заедниците во близина на нејзината граница со Газа, предупредувајќи дека ПИЏ има намера да нападне цивили и војници. Затворањето на патиштата ги блокираше градовите и селата во јужен Израел.

ПИЏ, кој е поддржан од Иран, има седиште во Дамаск, Сирија и е една од најсилните милитантни групи во Газа. Таа е одговорна за многу напади, вклучително и ракетирање и пукање против Израел. (Би-Би-Си)