Во изолација 64 лекари од Кожната клиника и 24 пациенти, уште осум лица се проверуваат за корона


Министерот за здравство, Венко Филипче, попладнево на прес конференција информираше дека во изолација се наоѓаат 64 вработени во Кожната клиника во Скопје, како и 24 пациенти кои изминатите денови имале контакт со лекарката, директорка на Клиниката, кај која беше утврдено присуство на корона вирусот. Таа е сместена на Инфективната клиника, а на двајца членови на нејзиното семејство исто така им е одредена мерка – изолација.

„Иако сите тие се со различен степен на ризик – мал, среден до висок, согласно интензитетот на контактирање со заболената докторка, сметаме дека треба да се превземе оваа мерка“, рече министерот Филипче.

Покрај тоа, на уште стотина други лица исто така им е одредена 14 дневна изолација во домашни услови. Тие сите биле присутни на конференцијата на која учествувала и заразената докторка.

„Во текот на викендот се одржа конференција на која учествуваа вкупно 103 лица, сите се исконтактирани, со некои е направено интервју и сите се во домашна изолација“, рече Филипче. На конференцијата имало и тројца гости од Грција, а министерот лично за тоа го известил грчкиот колега.

Филипче исто така апелираше да се користат официјални извори бидејќи креирањето лажни вести за дневно политички поени создава непотребна паника.

Тој не го криеше разочарувањето од однесувањето на докторката, за која најави дека ќе биде разрешена од функцијата по изборите, бидејќи сега нема законска можност за такво нешто.

„И покрај тоа што предвреме алармиравме и спроведовме мерки на претпазливост, ова со што се соочивме денеска навистина многу не разочара. Сега е предизборен период, не може да се разрешува, но таа ќе биде разрешена. Целата клиника ќе биде затворена 14 дена, но одговорност ќе има за апсолутно секој кој нема да се придржува до пропишаните мерки“,  рече министерот Филипче.

Тој дополни и дека се испитуваат уште осум лица, едно што било во Бугарија и неговата сопруга, еден патник од Сингапур, кој е македонски државјанин, четворица кои биле во контакт со пациентите од Дебар, и едно лице од Гевгелија. За сите нив се чекаат резултатите.

Фото: Б. Грданоски