Директорката на градинката Билјана Симовска информираше дека освен дечињата по насока на епидемиолог во изолација одат и четири негувателки и една воспитувачка.

-Една од негувателките кои одат во изолација е веќе тестирана и е негативна на вирусот, додека останатите три негувателки и една воспитувачка ќе се тестираат во вторник. Ова практично значи дека во изолација ќе бидат три воспитни групи со 35 дечиња од објектот бр.2 или централниот објект, информираше Симовска.

Во текот на вчерашниот ден од страна на вработен е извршена дезинфекција во целиот објект, а во текот на денешниот ден како што додаде, ќе се изврши дезинфекција и од страна на Центарот за јавно здравје Кочани.

-Од страна на градинката доследно се почитуваат протоколите дадени од Министерството за здравство како од страна на вработените, така и од страна на родителите и така и ќе продолжи установата. Во меѓувреме се преземаат сите мерки на безбедност и претпазливост, во координација со епидемиолог и санитарен инспектор, додаде Симовска.

Во објектот бр.1 или таканаречена горна градинка, директорката на ОЈУДГ „Весели Цветови”, додаде дека сè се одвива во најдобар ред и групите работат.