Во изолација 12 лица поради корона вирусот, има и две четиригодишни деца


Венко Филипче има поддршка од околу 80 отсто од граѓаните за справувањето со корона кризата (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за здравство Венко Филипче денес соопшти дека во изолација се наоѓаат вкупно 12 лица во Скопје и во Струмица, поради превенција од корона вирусот. Станува збор за деветмина патници кои се наоѓале во комбето, од кои едното е жената која е хоспитализирана откако кај неа беше потврдено присуство на корона вирус, додека другите четири се лица со кои патниците имале контакт. Меѓу оние кои се во изолација има и две деца на возраст по околу четири години.

Нив ги посетиле епидемиолози и тие целосно ја разбираат ситуацијата и потребата да бидат изолирани во наредните 14 дена.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за здравство рече дека, додека се во изолација, екипи на Црвен крст ќе ги снабдуваат со потребните прехранбени и други производи и со вода. За таа цел веќе биле договорени сите детали со Црвениот крст околу заштитните мерки кои треба да се спроведат нивните екипи.

Инаку, како што соопшти Филипче, заболената 50 годишна жена од КОВИД 19, која е згрижена на Инфективната клиника во Скопје, е во добра состојба, има лесна клиничка слика и се лекува во делот за изолација. Другите две лица за кои се сомневаше дека имаат корона вирус, се негативни, а се чекаат резултатите за уште едно лице.

На прашањето зошто не се тестираат и лицата кои се во изолација, министерот Филипче одговори дека ако се тестираат сега резултатот сигурно ќе биде негативен и дека се потребни минимум пет дена од контактот со заразено лице за да се спроведе тестирање на присуство на корона вирус. (Н.В.)