Во Италија суша и загадување: Милано се гуши во смог


Во северната италијанска област Ломбардија стапија на сила ограничувањата што вчера ги воведоа италијанските власти поради смог, јави ДПА.

Ограничувањата вклучуваат делумна забрана за дизел автомобили и целосна забрана за пожари на отворено, како и забрана за употреба на одредени печки на дрва, објавија локалните медиуми.

Мерките се однесуваат за Милано и уште осум провинции во регионот на Ломбардија.

Високото ниво на ситни честички веќе некое време предизвикува проблеми во густо населените области во северна Италија.

Во неделата, Милано на моменти беше трет најзагаден град во светот според рангирањето на приватната швајцарска еколошка компанија IQAir. Само воздухот во главниот град на Бангладеш, Дака, и во Ченгду, Кина, беше позагаден од Милано.

Во зима, смогот е познат проблем во некои големи италијански градови. 

Суша низ земјава

Во цела Италија е забележана суша поради недостигот на врнежи, особено на планините. Според истражувачкиот институт CIMA, количината на вода складирана во снежната покривка овој месец е за 64 отсто помала од лани.

Недостигот на дожд ја влошува и онака тешката ситуација откако топлотните бранови во 2023 година ги исцедија резервите и зголемената потрошувачка на вода. Сицилија поради сушата прогласи природна катастрофа, а на Сардинија земјоделците се обидуваат да искористат минимална количина на вода.

Пиемонт, регион во северозападна Италија, во петокот побара од Министерството за земјоделство да прогласи природна катастрофа поради сушата што го погоди регионот и тешко ги погоди производителите на вино.