Во Италија се судрија два воза, најмалку 17 повредени


Во судир на два воза во Италија полесно се повредени 17 лица. Возовите се судриле со мала брзина и не излетале од шините, при што е причинета материјална штета на предниот дел на возовите.

Најмалку 17 лица се повредени во судир на два воза на италијанската пруга Болоња-Римини во областа Фаенца меѓу Кастелболоњезе и Форли.

Според првичните информации нема потешко повредени. Сообраќајот во таа делница е запрен, а се судриле регионален воз и Freccia Rossa, пишува италијанскиот Corriere di Bologna.

Сообраќајната несреќа се случила во неделата околу 20:20 часот, а возовите се судриле со мала брзина. Засега не е позната причината за судирот, на местото на несреќата интервенирале амбулантни возила и пожарникари.

Според фотографиите од местото на настанот, возовите не излетале од шините, оштетени им се предните делови.

„За среќа повредените се добро и никој не претрпел сериозни последици. Ударот бил релативно слаб“, коментира градоначалникот на Фаенца, Масимо Исола.

Едно лице е пренесено во болница, додека на останатите 16 им била укажана лекарска помош на местото на настанот. Машиновозачите не се повредени.

Во тек е истрага, по што треба да се знаат повеќе детали.