Во Италија по 40 години се враќаат на нуклеарните централи

Владата на Италија донесе одлука за враќање на нуклеарната енергија речиси по 40 години откако беше забранета на референдум. Законот мора да биде одобрен од Парламентот.
– Владата одобри уште една важна мерка за обезбедување чиста, сигурна, евтина енергија која може да гарантира енергетска безбедност и стратешка независност, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони по владината седница.
Претходно, италијанскиот министер за енергетика Џилберто Пикет Фрате изјави дека е предвидено процесот да биде завршен до крајот на 2027 година. Тој најави и дека Италија преговара со неколку компании, помеѓу кои и американската енергетска групација „Вестингхаус“ (Westinghouse) и француската фирма ЕДФ, како потенцијални партнери на италијанската компанија, поддржана од државата, која ќе ги гради напредните реактори во Италија.
Италија планира да користи напредни модуларни реактори за да произведе одржлива нуклеарна енергија и да ги декарбонизира нејзините најзагадувачки индустрии. Се проценува дека ќе заштеди 17 милијарди евра од трошоците за декарбонизација на економијата до 2050 година, кога нуклеарната енергија би сочинувала најмалку 11 отсто од енергетските извори. Според националниот енергетски и климатски план, учеството може да се зголеми на 22 отсто.