Во Италија пак расте бројот на починати од корона вирусот, 743 за 24 часа


Дводневниот позитивен тренд на опаѓање на бројот на жртви од коронавирусот во Италија денеска е прекинат, со оглед на тоа што за 24 часа починаа 743 лица, пренесуваат италијанските медиуми.

Досега во Италија од овој вирус починаа вкупно 6.820 лица.

Исто така во пораст е и бројот на активни случаи на заразени лица, за 3.612, така што вкупниот број сега изнесува 54.030. Но, стапката на заразените се намалува. Вчера бројот на новозаразените беше 3.780, што значи растот на инфекциите е 7,2 отсто додека во неделата тој беше 8,1.

Од почетокот на епидемијата во Италија се регистрирани 69.176 заразени лица.

Шефот на Цивилната заштита, Анџело Борели, изјави дека и бројот на излекувани е во пораст, односно 894 повеќе од вчера, или вкупно 8.326.