Во Италија паѓа бројот на починати и на заразени – клинички вирусот веќе не постои


Бројот на починати од Ковид-19 во Италија во неделата се зголеми за уште 75, додека ден порано имаше 111 смртни случаи, а бројот на новозаразени падна од саботните 416 на 315, објави италијанската цивилна заштита.
Вкупно од почетокот на епидемијата на 21 февруари од Ковид-19 во Италија починаа 33.415 луѓе, а вкупниот број на заразени е 233.019.
Италија по бројот починати од Ковид-19 е трета во светот по САД и Британија, а шеста по бројот на заразени зад САД, Русија, Шпанија, Британија и Бразил.
Италијанските здравствени работници се сложуваат дека вирусот значително ослабел во однос на почетокот на ширењето на заразата и се забележува дека симптомите се сѐ поблаги.
Новиот корона вирус „сега би можел да биде поинаков, моќта која тој вирус ја имаше пред два месеци не е иста како денес“, оцени за АНСА Матео Басети, директор на клиниката за заразни болести во Џенова. „Очигледно е дека денес болеста Ковид-19 е поинаква, клиничката слика и текот на болеста се многу поблаги“, додава Бесети.
„Пред еден месец можевме да ги слушнеме епидемиолозите како стравуваат од нов бран кон крајот на мај и почетокот на јуни и од кој знае колку зафатени оддели на интензивна нега. Во стварноста вирусот клинички гледано веќе не постои“, тврди за италијанските медиуми Алберто Зангриљо, директор на одделот за интензивна нега на миланската универзитетска болница „Сан Рафаеле“ и истакна дека таа оцена ја потврдуваат и студии од Италија и од САД, Институтот за вирологија „Клементи“ и Универзитетот „Емори“ од Атланта.