Во Италија од 734 ученици – 560 се странци, од 102 ученици – 100 не знаат италијански

Во италијанскот град Монфалконе оваа година беа запишани 734 ученици, а дури 560 од нив се од странско потекло, а во Местре, од 102 запишани деца од предучилишна возраст, дури 100 не го зборуваат италијанскиот како мајчин јазик


Во неделата италијанската премиерка Џорџа Мелони на младински собир на нејзата десничарска партија Браќа на Италија најави дека нејзината влада се подготвува да забрани прекривки за лицето во училиштата и да го ограничи бројот на странски ученици во еден клас. Италија е меѓу европските земји кои се најизложени на приливот на мигранти поради нејзината географска локација во централниот Медитеран, оттаму миграцијата е жешка тема и голем предизвик за повеќе последователни влади последните повеќе децении.

Учениците кои не се италијански државјани сочинуваат 11,6 отсто од вкупниот број ученици запишани во италијанските училишта, што е речиси 12 на секои 100 ученици, според истражувачката организација Fondazione ISMU. Меѓутоа, тој показател е шокирачки на северот од земјата.

Законот предложен од владата на премиерката Џорџа Мелони, со кој би се ограничил бројот на ученици од странско потекло во италијанските училишта по еден клас, наиде на жестоки реакции од тамошната јавност.

Претседателот на Републиката, Серџо Матарела, ја отвори учебната година во Аматриче и зборуваше за училиштето како „најефикасна лост за интеграција на оние од други земји“. „Училиштето е отворено за сите и мора да обединува. Тоа е најголемата лост за интеграција. Не гета“, рече италијанскиот претседател.

Мелони отвора нов политички фронт пред изборите. Владата подготвува пакет мерки со кои би се забранило носењето бурка и никаб во училиштата, а истовремено би се вовеле ограничувања за бројот на странски ученици во училниците. Тема која досега особено силно ја туркаше порадикалната десница сега е директно на агендата на владата, објави во понеделникот Corriere della Sera, ден по најавата на премиерката чијашто влада неодамна стана најдолготрајната во повоена Италија.

Во Монфалконе индустриски град во близина на Трст, училишните клупи можеби најдобро покажуваат колку демографската слика на градот се променила последните години. Оваа година, 734 ученици биле запишани во едно од тамошните основни училишта, а дури 560 од нив се од странско потекло. Во некои одделенија, соодносот е уште поизразен – меѓу 25 ученици, само двајца се Италијанци.

Станува збор за град со население од околу 33.000 жители, каде што околу 31 отсто од населението сега го сочинуваат имигранти. Голем дел од нив се дојдени од Бангладеш и Пакистан, а многумина работат во големото бродоградилиште Финкантиери, еден од најважните економски капацитети во областа.

Од 734 ученици, 560 се странци
Како што пишува Corriere della Sera, состојбата во основните училишта што припаѓаат на училишниот институт „Ezio Giacich“ е особено впечатлива. Од 734 ученици запишани оваа учебна година, 560 доаѓаат од семејства со странско потекло.

Овој однос не е само резултат на големиот број имигрантски семејства. Училиштата истовремено се соочуваат со два процеса – помала стапка на наталитет кај италијанските семејства и зголемен број родители од Монфалконе кои ги запишуваат своите деца во училишта во околните градови.

Директорката на институтот, Марија Кјара Лиардо, предупредува дека еден од најголемите предизвици е токму да се спречи заминувањето на локалните деца. Странските ученици, вели таа, веќе станаа мнозинство, па дури ни големите напори што училиштата ги вложуваат во интеркултурни програми не беа во можност да го променат трендот.

Проблемот не е само во бројките, туку и во многу различното познавање на италијанскиот јазик кај учениците. Во истат клас може да има деца од втора генерација кои зборуваат италијански без никакви проблеми, како и ученици кои неодамна пристигнале во Италија и одвај можат да комуницираат. Ова им го отежнува организирањето на часовите на наставниците и дополнително го зголемува притисокот врз училиштата.

Оваа тема со години е едно од најчувствителните политички прашања во Монфалконе. Поранешната градоначалничка, сега европратеничка од десната партија Лига, Ана Марија Цисинт, се залагаше за сместување на некои ученици од странско потекло во училишта во соседните општини, како што се Ронки деи Легионари, Старанцано или Сан Канцијано д’Исонцо. Според неа, градот бил подготвен да ги плати и трошоците за превоз на учениците, но планот не беше спроведен.

Сегашниот градоначалник, Лука Фасан, би сакал да тргне по сличен пат. Цисинт предупредува дека доколку продолжи сегашниот тренд, училиштата во градот за неколку би можеле да имаат речиси исклучиво странски ученици.

Дебатата во Монфалконе одамна го надмина опсегот на образовната политика и стана дел од пошироката италијанска дебата за миграцијата, интеграцијата и исламот. Дури и како градоначалник, Сисинт се залагаше за регулативи што би забраниле носење превези што го покриваат целото лице во училиштата под надлежност на градот.

Во текстот на Corriere della Sera се наведува и случајот со средното училиште „Сандро Пертини“, каде што пет ученички минатата година дошле на училиште носејќи никаб. За да не ги изгуби ученичките, тогашниот директор организираше постапка според која вработен во училиштето ќе го проверуваше нивниот идентитет секое утро во посебна просторија. Слични случаи, вели весникот, се појавиле и на почетокот на новата учебна година.

Лабораторијата Монфалконе
Монфалконе со тоа стана еден вид лабораторија за проблемите со кои, поради демографските промени и миграцијата, веројатно ќе се соочат сè повеќе италијански градови. Прашањето повеќе не е само колку странски ученици има во секој клас, туку како истовремено да се обезбеди нормална настава, да се интегрираат децата кои не го знаат јазикот и да се спречи локалните семејства да го избегнуваат училиштето.

Во град каде што миграцијата со децении е поврзана со потребите на индустријата, токму во училишните клупи може најјасно да се види колку Монфалконе се променил, пишува Corriere della Sera.

Во Местре, ситуацијата е многу слична. Секое попладне, различни јазици, култури и семејни приказни се среќаваат пред училиштето Чезаре Батисти. Меѓу родителите што ги чекаат своите деца има Бенгалци, Молдавци, Индијци, Украинци и Италијанци. Но, италијанските семејства сега се малцинство.

Демографската промена е особено видлива во најмладите одделенија. Во првите одделенија од основното училиште, дури девет од десет ученици имаат странско презиме, а поголемиот дел од децата доаѓаат од семејства кои емигрирале од Бангладеш. Ситуацијата е уште поизразена во предучилишните групи поврзани со училиштето.

Според ликалниот подлисток на миланскиот весник Corriere del Veneto, од 102 запишани деца од предучилишна возраст, дури 100 не го зборуваат италијанскиот како мајчин јазик. Сликата е слична и кај повозрасните деца: во средното училиште од истиот образовен комплекс, само десет од 118 ученици имаат италијанско презиме.

Оваа структура на ученици претставува сериозен образовен предизвик за училиштето. Прашањето повеќе не е само од каде доаѓаат учениците, туку колку добро го познаваат италијанскиот јазик кога првпат седнуваат на училишните клупи.

Една од мајките, Татјана, Молдавка чии три деца добро зборуваат италијански и која е во брак со Бенгалец, предупредува дека секоја година се појавуваат нови ученици кои речиси и да не знаат никаков јазик.

Според неа, познавањето на италијанскиот јазик е основен услов за успешна интеграција. Училиштето мора да биде достапно за сите, но за наставниците е исклучително тешко да работат кога некои деца не можат да разберат што се зборува на часот.

Дебатата во последните денови доби и политичка димензија. Пред училиштето се појави транспарент со антиинтеграциски слогани и симболот на екстремно десничарската организација „Венето Фронте Скинхед“. Пораката предизвика осуда, а администрацијата и претставниците на родителите предупредија дека проблемот со ученичката структура не смее да се претвори во дискриминација кон децата.

Проблеми во Местре
Претседателот на училишниот совет, Карло Паган, смета дека ова е сложено прашање кое не може да се реши со едноставни квоти или со класификација на учениците според нивните презимиња.

Поточно, се дискутира идејата дека процентот на ученици од странско потекло во одредени училишта треба да се ограничи на околу 30 отсто. Сепак, Паган предупредува дека прво е потребно јасно да се дефинира што воопшто значи категоријата „странски ученик“.

Во написот на Corriere del Veneto се нагласува неговата порака дека меѓу учениците има многу деца од мигрантско потекло кои се родени во Италија, зборуваат одлично италијански и практично не се разликуваат од своите врсници. Затоа, предупредува тој, не е можно едноставно да се класифицираат децата според нивното презиме или земјата на потекло на нивните родители.

На тој начин, Местре се соочува со проблем кој е сè почест во делови од северна Италија со голем број мигрантски семејства. Во некои училишта, децата од италијанско потекло стануваат малцинство, додека најголемиот проблем за наставниците е доаѓањето на ученици кои не го познаваат јазикот доволно добро за да ги следат часовите. Токму затоа дебатата се води сè помалку за проценти, а сè повеќе за прашањето како да се организира наставата во одделенија со многу различни нивоа на познавање на јазикот.