Во Италија највисок број дневни инфекции од 6 мај


Ноќниот клуб на Флавио Бријаторе на Сардинија е еден од најголемите кластери

Новите случаи на Ковид-19 и натаму рапидно се зголемуваат во Италија, бидејќи во четвртокот 1.411 лица беа тестирани позитивно во последните 24 часа. Ова е највисока дневна бројка во земјата од 6 мај.

Во средата, Италија објави 1.367 нови случаи. Уште пет лица починале со вирусот во последните 24 часа, а бројот на загинати сега изнесува 35.463. Вкупниот број на случаи достигна 263.949.

Еден кластер предизвикува особена загриженост кај италијанските здравствени власти бидејќи се обидуваат да ги проследат посетителите на ноќниот клуб на Сардинија на поранешниот шеф на тим во Формула 1, Флавио Бријаторе, откако повеќе од 60 потврдени случаи на Ковид-19 се поврзани со местото на настанот.

„Милијардер“, ноќен клуб на Смарагдниот брег на Сардинија, во август беше домаќин на илјадници гости, вклучувајќи стотици италијански и меѓународни ВИП личности. Во вторникот беше потврдено дека Бријаторе е позитивен на Ковид-19, откако бил примен во болница во Милано, се вели во соопштението на неговиот персонал.

Официјалните лица сега се соочуваат со предизвик да контактираат со сите што се наоѓале во клубот во последните неколку недели, посочуваат извештаите на италијанските медиуми. Милијардерот пречека меѓу 8.000 и 11.000 гости во првите недели од август и властите стравуваат дека многумина се регистрирани со лажни имиња или телефонски броеви.