Во исчекување на кралската принова: Кој плаќа за бебето на Меган и Хари?


Англија- Да се има деца воопшто не е евтино, особено ако сте член на кралско семејство, па кој е тој што ќе плаќа за одгледувањето на бебето на Меган и Хари?

Додека војводата и војвотката од Сасекс имаат проценета вредност во износ од 33 милиони фунти, таткото на Хари, принцот Чарлс, е тој што го финансира неговото потесно семејство.

Принцот од Велс се потпира на Војводството Корнвол за поголемиот дел од својот приход. Ова е приватен имот, кој бил основан во 1337 година за да обезбеди приход на наследникот на кралскиот трон.

Војводството Корнвол поседува и управува со огромна количина на земјиште и имоти низ целата земја, со годишен суфицит над 20 милиони фунти (26,5 милиони долари) што му припаѓа на Чарлс и неговата сопруга Камила.

Принцот Чарлс плаќа данок на доход за овој годишен приход, кој се користи за нивните јавни, добротворни и приватни активности, како и за војводата и војвотката од Кембриџ, како и војводата и војвотката од Сасекс.

Тие, исто така, добиваат пари од Суверениот грант на кралицата, како и владините оддели на Велика Британија, за да платат за нивните службени патувања, имотни трошоци и сигурност.

Вилијам и Хари исто така го наследиле богатството од нивната покојна мајка принцезата Дијана. На Хари му припаднале 10 милиони фунти дента кога наполнил 30 години. Исто така, тој заработил плата за неговата десетгодишна служба во армијата.