Во Иран почна третиот бран од коронавирусот, ќе се вратат ли рестрикциите?

На територијата на иранската провинција Техеран е регистриран третиот бран од болеста Ковид-19, која се предизвикува од инфекција со корона вирус, изјави шефот на иранскиот Кризен штаб, Алиреза Зали, повикувајќи ги властите повторно да ги воведат рестриктивните мерки.

-Во писмо до министерот за здравство побаравме повторно воведување на ограничувањата заради борбата со вирусот. Ова особено се однесува на работата од дома, рече Зали, пренесе Тасс.

Тој забележа дека е минато многу малку време меѓу вториот и третиот бран.

Во Иран во последните денови повторно дојде до зголемување на бројот на нови случаи на корона вирус, особено што во последните три дена дневниот број на новоинфицирани двапати надмина 3.000.

На 15 јули Иран и официјално соопшти дека е почнат вториот бран на корона вирусот.