Во Хрватска вакцинирани само половина од учителите
КРК – Иако до почетокот на новата учебна година има само десетина денови, во Хрватска не е целосно јасно како ќе се одвива таа. Хрватските медиуми пренесуваат дека министерството за наука и образоавание дури на почетокот на септември ќе одлучи дали децата ќе носат маски за време на наставата.
Бројкaта на новозаболени во Хрватска последниве денови бележи нагли зголемувања, но во министерството оценуваат дека ситуацијата е релативно поволна иако само половина од наставниот персонал е вакциниран. Поточно, во основните училишта вакцинирани се точно 50 проценти од наставниците, додека во гимназиите тој број е нешто поголем – 56 отсто.

Образовните власти велат дека ги следат постапките на другите земји од Европската унија каде што новата учебна година е почната или наскоро ќе почне. Но, правилата во едни земји не мора да важат за други. По правило децата не мора да носат маски ако растојанието меѓу нив во училниците е еден и пол метар, а тоа во Хрватска е многу ретко. Тоа особено не е можно во поголемите градови и во метрополата Загреб, каде речиси задолжително се оди во две смени.
Некои европски земји одлучија постојано да ги тестираат учениците (некаде дури два пати неделно), но во Хрватска не се размислува за тоа. (Љ.П.)