Во Хрватска стоковите резерви не се тајна – еве со што и колку располагаат


За разлика од Македонија, каде што залихите на производите кои што се чуваат како стокови резерви се класифициран податок, тоа не е случај со Хрватска. Имено, како што пренесе регионалниот бизнис портал СЕЕ биз, хрватската влада ваквите податоци ги објавила како одговор на пратеничко прашање.

Прашањето било поставено на 10 март, петнаесет дена по почетокот на руската агресија врз Украина, кога темата за стратешките стокови резерви се наметна во јавноста како едно од најважните.

Во својот одговор, од 20 април владата во Загреб соопшти дека во стратешките резерви имало 50.565 тони пченица, 26.468 тони пченка, 910 тони јачмен, 40 тони ориз, 65 тони тестенини. Залихите вклучувале 475 тони свинско и 1.014 тони говедско месо, 400 тони конзервирано месо, 216 тони конзервирана риба.

Имало и 6.312 тони шеќер, 106.200 литри масло, 24 тони јајца во прав, 66 тони полутврдо и топено сирење, 187 тони млеко во прав, 148 тони конзервиран и замрзнат зеленчук, 32 тони џемови и овошни намази, 494,3 тони сол и зачини, два тона бебешка храна (млечни и овошје), 295.104 пакувања целодневни суви оброци и 266.000 литри флаширана вода за пиење.

Од непрехранбените производи во стратешките стокови залихи имало 9.700.974 литри еуродизел гориво, 5.509.926 литри еуросупер 95, потоа 95 повеќенаменски цистерни за вода, 45 чамци за спасување со мотор и приколка, 36 генератори, 110 пумпи со висок капацитет, 110 пумпи за вода. мобилни пумпи, 189 потопни пумпи.

Во одговор на пратеничкото прашање, Владата наведува дека на залиха имало 1.153 контејнери за станбена, канцелариска и друга намена, потоа 264 подвижни домови, како и 1.619 шатори, 3.852 кревети и полски лежаи, 29.120 вреќи за спиење, постелнина за 25.000 жители, исто толку прибори за јадење.

Во одговорот на пратеничкото прашање се даваат и прецизни податоци за други резерви со кои што располага Хрватска, како електрични греалки и радијатори, антифриз, пластична фолија, електрични сушари, мобилни брани, вреќи за изработка на насипи,  и тн . 

Стратешките инвентари може да се користат и за давање итна помош на други земји во случај на катастрофи, хуманитарна помош и во случај на учество на хрватските сили во мировни и хуманитарни операции во странство, се вели во одговорот на хрватската влада.