Во Хрватска почна судењето на Тони Цетински: Верувам во праведност


Во Општинскиот суд во Пазин почна судењето на пејачот Тони Цетински (49) за сообраќајната несреќа во која на 3 ноември 2017 година во центарот на Ровињ загина 62-годишниот Ибрахим Кевљани.

Пејачот тогаш во еднонасочна улица го прегази Ибрахим кој пијан лежел на патот. Тој се изјасни дека не е виновен, а државниот обвинител тврди дека Цетински можел да ја избегне несреќата и дека тоа ќе биде докажано.

Одбраната побара сите докази да бидат доставени и поднесе барање во реконструкцијата и вештачењето на сообраќајката да биде вклучен експерт, кој уште еднаш ќе отиде на терен, на местото на несреќата во Ровињ, за да разгледа каде се движел возачот, пренесува 24sata.hr.

Вчерашната расправа е прекината, а новото рочиште е закажано за 15 јули, каде што ќе се испрашуваат и токсиколози и вештаци.

Цетински по излегувањето од судницата изјави дека може само да сочувствува со фамилијата на починатиот, но никако не можел да ја избегне или да ја предвиди ситуацијата.

– Сето останато ќе се разгледа на суд и како ќе се одвива тоа навистина не знам, но верувам во праведноста на судот и дека сè ќе биде во ред. Нека биде праведно – изјави пред судот Цетински.