Во Хрватска почина маж на 33 години 12 дена по вакцинирањето со „АстраЗенека“


Маж на возраст од 33 години почина утрово во Хрватска 12 дена откако се вакцинирал со „АстраЗенека“ против Ковид-19, поради што Хрватската агенција за лекови веднаш покрена истрага.

Како што дознава Индекс, се работи за маж од Сисак, кој починал утрово во болницата „Ребро“ во Загреб.

Тој се вакцинирал на 5 март, а првите два дена имал покачена температура, но потоа сѐ било во ред.

Десетина дена потоа тој имал болки во стомакот, а магнетната резонанца покажала крварење.

Бил примен во болницата „Ребро“, каде е утврдено крварење во надбубрежната жлезда.

Не е јасно дали компликациите кај сега починатиот имаат врска со вакцинирањето, но таа поврзаност не е исклучена.

Постои сомнеж дека овој случај има сличности со такви случаи низ Европа.

До ХАЛМЕД е пратена пријава за случајот со смртен исход, а агенцијата соработува со болницата за да ги добие сите документи и да може да одлучи.

Во пријавата се наведува тромбоцитопенија и крварење, а обдукцијата е во тек.

Пријавата ќе биде доставена и до Европската агенција за лекови ЕМА, за да се вклучи во оценката за тоа што се случило.

Хрватска е една од земјите која не го прекина вакцинирањето со „АстраЗенека“, откако тоа го направија половина од земјите од ЕУ, поради сомнеж дека по вакцинирањето со оваа вакцина против корона вирус се јавуваат згрутчувања на крвта.