Во Хрватска и Австрија потврдени први случаи на корона вирус


Хрватска и Австрија се нови две европски земји во кои е регистриран корона вирусот.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја потврди информацијата, додавајќи дека станува збор за помлад човек кој бил во Милано и бил хоспитализиран во Загреб со поблаги симптоми.

„Ги добивме резултатите од тестот на хрватскиот државјанин кој беше во Милано од 19-21 февруари. Тој има послаби знаци на болеста и се надеваме дека ќе остане така. Преземаме мерки на претпазливост. Тоа е болест слична на грипот и не се очекуваат поголеми компликации од вообичаените случаи на грип. За лицата кои биле во контакт со заболениот организираме карантин“, изјави хрватскиот министер за здравство, Вили Берош.

Во Хрватска се испитуваат уште деветмина лица но наодите сè уште не се готови.

„Тие не покажуваат никакви знаци на инфекција, освен еден човек кој веќе три недели кашла, што не го поврзуваме со корона вирусот“, рече хрватскиот министер за здравство.

Агенциите јавија дека во Австрија, во провинција Тирол биле потврдени два случаи на инфекција со корона вирус.