Во Хрватска годинава издадени 33.000 дозволи за престој и работа на странци

Оваа година, во која се укинати квотите за увоз на работна сила, досега се издадени 32.813 дозволи за престој и работа на странци во Хрватска, од кои 7.003 се дозволи од дејноста туризам и угостителство, пишува „Јутарњи лист“.
Секторот кој е најбаран за странска работна сила е сè уште градежништвото. Според хрватската служба за вработување, од почетокот на годината до средината на јуни, 2.434 работодавци поднеле 14.437 апликации за градежни занимања.
Во туризмот и угостителството беа одобрени 1.232 дозволи за ново вработување, 980 за продолжување и 4.791 дозволи за сезонско вработување. Поднесени се вкупно 11.740 барања од работодавачи, од кои повеќето се уште се обработуваат.
Кога се гледа вкупниот број на издадени дозволи во однос на достапните податоци за периодот пред пандемијата, односно во 2019, тој е помал, но не е значаен.
Имено, пред две години, кога имаше квота за вработување на странци, до 28 јуни, добар дел од квотата веќе беше исполнет. Поточно, од 53.100 места, биле слободни 17.802, според податоците на Министерството за внатрешни работи за искористување на квотата, објавени на нивната веб-страница, што значи дека биле издадени нешто повеќе од 35 илјади дозволи.
Квотата за туризам и угостителство, утврдена на списокот со 18 занимања, од готвачи и келнери до масери и инструктори за нуркање, изнесуваше 17.611 работници, од кои само 2.034 места останаа во квотата до крајот на јуни.
Во 2020 година, поради претпоставените потреби на пазарот на трудот, квотата за странски работници беше уште поголема, дури 78.470, но поради избувнувањето на пандемијата со корона вирусот, искористеноста на крајот беше слаба. Во ова време минатата година, имаше 59.902 слободни места, а на последниот ден во декември, дури 39.385 места останаа неискористени.
Хрватската стопанска комора (ХГК) ги потенцира големите потреби на градежниците. Најмногу барања биле поднесени за sидари, градежни работници во високоградбата и во нискоградбата, столари, фасадери, армирачи, монтери на градежни елементи, поставувачи за керамички плочки, како и молери. Позитивно мислење за 9.541 од нив издаде Хрватската служба за вработување, врз основа на кое Министерството за внатрешни работи може да издаде работна дозвола.
Недостатокот на работна сила станува се поочигледен во туризмот, бидејќи поради пандемијата, односно заклучувањето, дел од работниците се преквалификуваа, па според проценките на професијата, повеќе од 10.000 лица ја напуштија туристичката гранка.
„Најголемиот дефицит, како и претходните години, е за работните места собарки / чистачи, готвачи и келнери и се очекува побарувачката за работници да расте сè повеќе како што напредува сезоната“, забележува Хрватската трговска комора.
Според новиот Закон за странци, кој стапи на сила во јануари, дојде до либерализација при што е променет системот за одобрување на вработување на странски работници, па наместо систем на квоти, има систем на тестирање на пазарот на трудот. Сепак, тестот не е неопходен за дефицитарни занимања што се објавени на списокот на Институтот, пишува Јутарњи лист.