Во хотел во Битола сместени повратници од странство

Општина Битоласе огласи откако два автобуси со повратници од странство се сместени во познат хотел среде Битола.

– Пристигнатите лица, наши сограѓани, се сместуваат во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори. Изолацијата која до сега беше во сопствените домови, како мерка е подобрена со изолација контролирана на ваков начин, бидејќи се под 24 часовен надзор, што не остава можност за непочитување на изолацијата како што се случуваше во изминатите денови во одредени ситуации во државата, вклучително и со еден случај во нашиот град. Никој од нив не претставува опасност за градот затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Значи, пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација – велат од Општината.

 

Додаваат дека сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома.

– Најголем дел од нив се наши деца. Нека ги поминат во мир 14-те изолативни денови, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата.
Мора да преовладува разумот, состојбата на човечност, колективност каков што секогаш сме го имале. Останете во своите домови со Вашите семејства и оставете на професионалците да си ја завршат својата обврска. Само заедно ќе излеземе посилни од оваа глобална светска криза, која за жал, не не одминува ниту нас.