Во Холивуд  цвета нов бизнис: Ѕвездите инвестираат во производство на канабис


САД– Музичарот Џеј-Зи (49) , сопругот на Бијонсе и првиот рапер кој заработил милијарда долари, го шири бизнис царството. По производството на шампањско, продажба на недвижнини и на инвестирање во спортскиот менаџмент, го искористи искуството од младоста како дилер и влезе во сѐ профитабилниот легален бизнис со марихуана.

Според податоците на „Форбс“ однеодамна станал шеф за стратегија на брендот во компанијата „Калива“ од Калифорнија која одгледува и продава цветови на канабис, лосиони и други производи од марихуана, не само преку Интернет, туку и во 250 аптеки ширум САД.

Џеј-Зи кој ќе влијае и на кадровската политика на компанијата, е само една од ѕвездите кои вложуваат во брзо растечката индустрија на канабис.  И раперот Снуп Дог (47) ги познава сите аспекти на производство, продажба и употреба на марихуана уште пред да биде легален бизнис,  а сега има сопствена линија на производи со канабис и им помага на младите бизнисмени да отпочнат свој бизнис.

Во бизнисот со марихуана се вклопи и актерот Чарли Шин (53) кој долго време се фали дека „се пуши  сам себе“, бидејќи еден вид на марихуана е наречен по него. И тој отпочна производство на испарувачи за канабис под име Шиниус.

Славниот американски режисер Френсис Форд Копола кој со децении во својата винарија во долината Напа произведува врви вина, за 80-от роденден на пазарот пласираше и врвна марихуана. Органски е одгледувана на еколошки начин со географско контролирано потекло. Се продава под етикетата The Grower’s Series by Francis Ford Coppola, во луксузна амбалажа во облик на шише од вино.